Колку митови за храната имате чуено изминативе години? Речиси и да нема човек кој барем понекогаш не размислувал дали храната што ја јадеме е здрава, колку е здрава, дали слабееме или се дебелееме од леб, колку е штетен шеќерот… Одговорите што ги наоѓаме на овие прашања честопати се збунувачки, затоа што тие честопати се контрадикторни. Да се ​​потсетиме на децениските дискусии за јајцата, мастите, чоколадата, кафето…Во исто време, се вели дека одредена храна е и штетна и исклучително здрава.

Во продолжение неколку митови за храната, за кои се зборува години наназад.

Здравата храна е скапа

Ова е понекогаш точно, затоа што органскиот начин на производство знае да биде поскап од конвенционалниот начин. Но, постои многу здрава храна која не е скапа. Мешунките на пример гравот, грашокот, сојата, леќата. Тука се и јајцата, кои содржат многу протеини а се доста евтини. Сезонското овошје и зеленчук исто така се многу здрава намирница, а килограм јаболки не е повеќе од 30 денари. Леб од цели зрна без адитиви и нездрави состојки можеме да направиме и дома. Колачи без шеќер, од само неколку намирници исто така. Интернетот е преплавен со здрави и евтини рецепти, само треба да имате малце креативност и желба.

Лебот и тестенините дебелеат

Поради нивната висока содржина на јаглени хидрати, овие намирници честопати се сметаат за непријатели на нашата линија, што е делумно точно. Кога и кој леб и тестенини не дебелеат? Најлош избор е белиот леб, и тестенините направени од бело брашно, кои имаат висок гликемиски индекс. Гликозата брзо влегува во крвотокот, предизвикувајќи зголемено лачење на инсулин. Да, ќе почувствуваме зголемена енергија, но многу наскоро и умор и глад. Поради ова, ние посегнуваме по уште храна, а тоа може да доведе до зголемување на телесната тежина. Затоа, треба да користиме леб или тестенини направени од интегрални житарици кои содржат многу растителни влакна. Секако, доколку имаме проблеми со тежината, овие намирници треба да ги избегнуваме и да не ги јадеме во големи количини.

Сушеното овошје не е толку здраво како свежото

Честопати се тврди дека сушеното овошје не е здраво. Не е баш така, сувото овошје содржи занемарливо помалку корисни соединенија од свежото. Проблемот е повеќе во индустриски сушеното и пакувано овошје и додатокот на вештачки шеќери во него. Не заборавајте, сувото овошје е одлична закуска, како и додаток во здравите десерти. Наместо парче торта, одберете неколку суви кајсии. Се разбира, не претерувајте и изедете околку колку што би изеле и свежо овошје.

Заклучуваме дека најдобро е да се биде умерен во сè. Важно е да се храниме со што е можно поразновидна храна, да јадеме многу овошје и зеленчук, а да избегнуваме преработени и индустриски производи.