Дали сакате да воведете здрави навики во Вашиот секојдневен живот и да започнете редовно да тренирате, но не знаете како? Најидеално би било да се консултирате со професионален тренер и да направите план и програма. Кога е тренингот во прашање, нашиот став е дека на почеток не Ви се потребни справи, претешки тегови, и други разни помагала. Доколку сакате, користете лесни тегови или ластици за истегнување.

Најпрво треба да ја надминете тежината на сопственото тело. Започнете со помалку интензивни тренинзи, 2 до 3 пати неделно по 45 минути. На почетокот не користете никакви помагала, туку вежбајте со сопственотот тело и сопствената тежина. Движете го Вашето тело во сите правци, правејќи склекови, чучнувања, скокови, истегнувања…

Не заборавајте, трчањето или брзото одење на трака не треба да Ви биде основен тренинг во текот на денот, туку дополнителна вежба. Се разбира доколку имате сила, добро е да истрчате 15-20 минути на трака, но откако ќе ги завршите вежбите.

Пред секој тренинг, не заборавајте да се загреете. Истегнете ги сите зглобови, од вратот до глуждовите, користејќи кружни движења.

За почеток, доволно е да се направат 3 серии од 4-5 вежби, секоја со 12-15 повторувања. Започнете со чучнувања, исчекори, пленк вежби (држете 15 секунди, а потоа зголемете го времето со секое последователно тренирање) или направете еден сет склекови…

На почетокот, не треба да бидете оптоварени со бројот на вагата и да очекувате резултати преку ноќ – Вашиот апсолутен фокус треба да биде на правилно извршување на вежбите!

Вежбајте редовно, и не се откажувајте. Запомнете го ова добро затоа што тоа е единствениот начин за напредок. Не прескокнувајте тренинг. Да не се лажеме, нема подобро чувство од забележување и следење на напредокот.

После неколку недели, започнете со поинтензивни тренинзи, 3 пати неделно. Сега веќе Вашето тело е подготвено за потешки вежби со дополнителна тежина. Зголемете ја тежината на теговите, започнете со тренинзи во теретана, продолжете го времето на кардио вежбите…

Запомнете дека никој не е роден научен. Дајте си време, трудете се и резултатите сигурно ќе дојдат.