Сакате брзи резултати и одлучивте да тренирате сè понапорно. Каде е границата? Колку тренинг е доволно? И дали секогаш повеќе е подобро?

Резултатите од студијата објавена во “Journal of the American College of Cardilogy” велат дека тоа не е секогаш така.

Во научното истражување учествувале над 1.000 здрави луѓе кои биле спортски активни, односно трчање и лица кои воопшто не тренирале, во период од 12 години. Студијата вели дека трчањето до 2 и пол часа неделно има најдобри позитивни резултати врз здравјето на поединците.

Во оваа данска студија, испитувачите побарале од учесниците да наведат колку често, колку долго и со каков интензитет трчаат, како и да наведат податоци за нивната моментална здравствена состојба.

Резултатите покажале дека идеалната брзина за трчање е околу 8 км на час, дека е идеално да се трча три пати неделно или вкупно 150 минути.

Иако никаде нема препораки кои ја одредуваат горната граница на физичката активност, оваа студија сугерира дека се потребни дополнителни истражувања во оваа насока. Особено затоа што од 1.000 испитаници, само 36 од нив се класифицирани во групата тркачи кои трчаат секој ден, со силен интензитет и со долги пресеци.

Резултатите од оваа студија покажуваат дека прекумерното вежбање може да има штетни последици, еднакви на оние што би ги имале доколку воопшто не вежбате и дека умерената физичка активност има најдобри позитивни последици по Вашето здравје.

Сè додека нема ново истражување на оваа тема, важно е, како и за сè друго, да бидете умерени во вежбањето. Бидејќи, дефинитивно, повеќе не е секогаш подобро!