Зошто на сѐ поголем број компании приоритет им е грижата за своите вработени? Затоа што задоволните вработени се попродуктивни, а со тоа перформансите на компанијата поголеми.

Теоријата за човечки односи вели дека благосостојбата на вработените е тесно поврзана со моралот на човекот. Луѓето пак со висок морал се грижливи, ефикасни и ефективни (Strauss 1968). Теоријата за мотивација вели дека продуктивноста на вработените произлегува од очекувањата за награди кои се добиваат заради постигнатиот резултат . И последно, теоријата на емоции тврди дека емоционалните состојби на работното место влијаат на нивната продуктивност (Staw et al., 1994). Позитивните емоции доведуваат до зголемена мотивација, а со тоа и до подобри резултати во работата (Isen and Baron 1991). Позитивната, стимулирачка возбуда, исто така може да резултира со поголема креативност или да влијае на позитивните промени во ставовите и однесувањето на вработените.

Мотивирањето на вработените не е лесен процес, но е клучен доколку сакате да напредувате и да бидете задоволни од Вашите вработени и од резултатите на Вашата компанија.

Мотивацијата е таа што ги тера луѓето да работат повеќе, да бидат повредни и попродуктивни и најважното од се, да останат во Вашата компанија.

Мора да се напомене дека не постои една единствена стратегија која волшебно ќе ги мотивира Вашите вработени и ќе ја зголеми нивната продуктивност. Секој работник е уникатен, има уникатни ставови, идеи и желби. Ако сакате успешно да ги мотивирате сите Ваши вработени, морате да им дадете избор, слобода и флексибилност.

Посветувајте им внимание на Вашите вработени, покажете им дека го почитувате нивниот приватен живот, подржувајте ги и наградувајте ги за постигнатиот резултат, слушајте ги, советувајте ги и дружете се со нив.

Доколку правилно се грижите за Вашите вработени, тие ќе бидат мотивирани и инспирирани, а Вас ќе Ве наградат со својата посветеност и вредна работа.