Се чувствувате беспомошно, разочарано и целосно исцрпено поради постојаниот стрес на работното место? Не можете да си ги контролирате мислите и да се фокусирате на работните обврски? Се работи за таканаречениот “Burnout” синдром, или синдром на прегорување.
“Burnout” синдром е состојба на емоционална, физичка и ментална исцрпеност предизвикана од прекумерен стрес и негово постојано продолжување.

Не се само прекумерната работа и стресот “криви” за овој синдром. Лошите меѓучовечки односи, честите конфликти со колегите и погрешно поставување на описите на работните задачи, исто така, можат да доведат до прегорување. Овој синдром најчесто се јавува кај луѓе кои подолг временски период не направиле пауза од работа, постојано се под стрес, работат под преголем притисок, никогаш не се одморени, немаат физичка активност и во слободното време размислуваат само на тема “работа”.
Во современиот свет, овој синдром станува сè попознат и сè пораспространет. Брзиот живот и немањето време за себе е нашиот најголем непријател. “Burnout” синдромот мораме да го сфатиме сериозно. Фрустрацијата предизвикана од исцрпеноста на работа може да го доведе во опасност Вашиот бизнис, Вашиот социјален живот и Вашето здравје. Како и секој синдром или болест, подобро е да го спречите отколку да го лечите. Доколку ги препознаете раните симптоми на овој синдром, можете да преземете чекори за да го спречите Вашето тело да “прегори”.

Овој синдром значително ја намалува продуктивноста и ја осиромашува Вашата енергијата. Кога ќе “прегорите” проблемите изгледаат непремостливи, сè изгледа мрачно и негативно, а особено е тешко да се собере сила за да се издигнете од целата ситуација и да им излезете во пресрет на нови работни предизвици и задачи мотивирани и фокусирани.
Како да го спречите “Burnout” синдромот?
Останете фокусирани и концентрирани на тековните работни обврски. Научете да кажете „НЕ“. Поставите си граници и придржувајте се до нив. Не дозволувајте Вашата работа да го преземе Вашиот живот. Дружете се со неколку колеги со кои во секое време ќе можете да поразговарате и да ги споделите Вашите тешкотии на работа. Планирајте и организирајте си го секој ден. Водете активен социјален живот, спортувајте и не се откажувајте од Вашето хоби.