Дали сте од оние луѓе кои пијат доволно вода во текот на денот?

Ако го читате ова, сигурно сте од оние другите, кои пијат многу помалку од препорачаната дневна количина. Иако знаеме колку e таа здрава за нашиот организам, забораваме на тоа. Честопати чекаме нашиот организам да ни даде знак за вода па само тогаш посегнуваме по чашата. Се разбира, многу често го дехидрираме нашиот организам. Тоа пак води кон вртоглавици, главоболки, слабост и збунетост, и нè прави помалку продуктивни и помалку сконцентрирани.

Еве неколку совети како полесно да се “натераме” да пиеме повеќе вода:

Достапност.

Прво правило, достапност! За да пиете повеќе вода, секогаш имајте шише со вода блиску до Вас. На Вашата работна маса, до Вашиот кревет или во Вашата чанта. Доколку имате вода во Ваша близина и Ви биде лесно достапна ќе пиете повеќе во текот на денот.

Додадете вкус.

Најлесен начин да се натерате да пиете повеќе вода е да ја направите повкусна. Можете да направите вода со краставица и лимон, вода со свежо нане или вода со свежи јагоди. Со сигурност, овие комбинации ќе го подобрат вкусот на водата. По можност направете го ова ноќта пред и ставете ја во фрижидер. Ќе бидете изненадени од вкусот и од тоа колку лесно ќе испиете 2l вода во текот на денот.

Купете си убаво стаклено шише.

Купете си убаво стаклено шише, или интересни чаши. Не е научно докажано, но водата од “шареното” стаклено шише е секогаш повкусна од онаа од обично пластично шише.

Апликации.

Една од многубројните предности на живеење во доба на интернетот се мобилните апликации. И тоа не било какви апликации, туку апликации кои ќе Ве потсетуваат да се напиете вода. Инсталирајте си ја апликацијата која најмногу Ви одговара и подесете ги сите параметри. Сè што треба да направите е да се напиете чаша вода кога апликацијата ќе Ве потсети. Ваква апликација може да биде помалку здодевна, но не ја игнорирајте и не се откажувајте, се е навика.

Зошто е важно да пиеме доволно вода во текот на денот?

Водата му помага на телото да оддржува нормална телесна температура. Без вода не се потиме, а без потење нема ладење на организмот.

Водата помага во исфрлање на токсините од организмот. Колку повеќе вода пиеме толку повеќе токсини ифрламе од нашето тело.

Водата ја оддржува еластичноста на кожата. Недоволно внесување на вода во организмот ја суши нашата кожа а со тоа таа станува помалце еластична и многу побрзо старее.

Водата ги максимизира физичките перформанси и работата на мозокот. Дури и слаба дехидрираност може да влијае на работата на мозокот и да доведе до лошо расположение и главоболка.

Водата помага во регулирање на телесната тежина. Водата може да ни даде чувство на ситост и да го забрза нашиот метаболизам.